Правда и внатрешни работи



жүктеу 6.72 Mb.
бет16/51
Дата02.05.2016
өлшемі6.72 Mb.
1   ...   12   13   14   15   16   17   18   19   ...   51
:

D. МИГРАЦИЈА



1. Ве молиме да наведете информации за законските или други прописи со кои се регулира миграцијата во Вашата земја.


Како прописи со кои се регулира миграцијата во Република Македонија се јавуваат следните акти:



  • Закон за движење и престој на странците (“Службен весник на Република Македонија”, бр. 36/92, 66/92, 26/93 и 45/02), со коj се регулира: влезот на странците, визите, престојот на странците, патните и другите исправи на странците, престојувалиштето и живеалиштето на странците, евиденцијата за странци и прекршоците против странците;

  • Правилник за начинот на издавање на патни и други исправи и визи на странци и за обрасците на тие исправи и визи (“Службен весник на Република Македонија”, бр. 75/93) со кои подетално се регулира постапката на она што е утврдено со горенаведениот Закон: издавање на патни и други исправи на странци, издавање на визи, одобрување на престој, содржина на евиденциите и начинот на нивно водење, формата и содржината на сите пропишани обрасци;

  • Упатство за начинот на издавање на патните исправи и визи на странци од дипломатско - конзуларните претставништва на Република Македонија во странство и за начинот на водење на евиденцијата за издадените патни исправи и визи на странци (“Службен весник на Република Македонија”, бр. 10/98) со кое детално се регулира постапката и условите за издавање на визите и патните исправи, обрасците на барањата за нивно издавање и евиденцијата за истите;



Покрај горенаведените прописи, миграцијата се регулира и преку билатерални договори.

Република Македонија, има склучено билатерални договори за враќање на лица со незаконски престој (договори за реадмисија) повеќе држави. За повеќе детали види 24_E_06 и 27_Анекс_01.

Од особено значење за прашањата поврзани со миграцијата во Република Македонија е Националенот акционен план (НАП) на Република Македонија за миграција и азил.

Националниот акционен план за миграција и азил претставува стратешки документ кој е донесен на 09.12.2002 година од државниот тим составен од претставници на Република Македонија, Шведска (држава лидер), Данска, Норвешка и Бугарија, во кој учествуваат и Високиот комесаријат за бегалци при Организацијата на обединетите нации (УНХЦР), Меѓународната организација за миграции (ИОМ) и Меѓународниот центар на миграциона политика.

Националниот акционен план содржи осврт на постојната состојба и тоа што треба да се стори во поглед на законодавството, плановите и проектите во областа на азилот, миграцијата, политиката на враќање на странците, граничната контрола, информатичко-телекомуникациските аспекти од областа на миграција и азил, интеграцијата и државјанството и регионалната соработка. За повеќе детали види 24_Анекс_01.

Некои од плановите и проектите веќе се остварени или се во тек на остварување. Законот за азил и привремена заштита (“Службен весник на Република Македонија”, бр. 49/03) и Законот за државјанството на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија”, бр. 67/92 и 08/04) се во сила, формирана е граничната полиција која го презеде обезбедувањето на државната граница од Министерството за одбрана кон соседните држави - Грција и Бугарија, како и обезбедувањето на дел од границата кон Србија и Црна Гора. Комплетирани беа и други активности.


2. Ве молиме опишете ги Вашите процедури за добивање на дозвола за престој, причини за неодобрување, обновување или повлекување на дозволите и жалбените потстапки.

Прашањата за: добивање дозвола за престој; причини за неодобрување; обновување или повлекување на дозволите и жалбените постапки се регулирани со Законот за движење и престој на странците (“Службен весник на Република Македонија”, бр. 36/92, 66/92, 26/93 и 45/02) и Правилникот за начинот на издавање на патни и други исправи и визи за странци и за обрасците на тие исправи и визи (“Службен весник на Република Македонија”, бр.75/93).

Странецот може во Република Македонија да престојува без одобрение за привремен престој до три месеци врз основа на важечка патна исправа, односно до времето на важењето на визата доколку со билатерален договор за безвизен престој не е поинаку определено.

На странецот потребно му е одобрение за привремен престој ако престојува подолго од три месеци, односно ако планира да престојува подолго од важењето на визата или ако доаѓа во Република Македонија заради школување, специјализација, лекување, вршење на определена професионална дејност, склучување на брак со државјанин на Република Македонија, уживање права врз основа на работен однос, поседување недвижен имот на територијата на Република Македонија или постоење на други оправдани причини.

Барањето странецот го поднесува во форма на образец (кој е на македонски, англиски и француски јазик) до подрачната единица на Министерството за внатрешни работи во местото на престојување. Кон барањето се приложуваат докази за причината заради која го поднесува барањето како и доказ за обезбедени средства за издржување.

Како доказ за оправданоста на барањето се приложува:



  • За специјализација, обука или пракса, потврда од правното лице или органот каде му е одобрено да специјализира, да се образува или да врши практика;

  • За школување, потврда дека има својство на ученик односно редовен студент од соодветното училиште односно факултет;

  • За вршење професионална дејност, одобрение или дозвола за вршење на одредена професионална дејност издадена од надлежното Министерство или друг надлежен орган;

  • За вработување, дозвола за работа од Агенцијата за вработување;

  • Други соодветни докази зависно од причините за кои бара престој;



Како доказ дека има обезбедено средства за издржување или издржувањето му е обезбедено на друг начин странецот приложува потврда за состојбата на неговата банковна сметка, потврда од правното лице или од органот за износот на платата или стипендијата или друга исправа од која несомнено се докажува дека поседува доволно средства за издржување.

Одобрението за привремен престој се издава со втиснување на штембил во патната исправа на странецот. Рокот на важањето на одобрението за привремен престој е до една година односно до важењето на патната исправа на странецот ако тој рок е покус од една година.

Одобрението за привремен престој може да се продолжува најдолго до една година на барање на странецот поднесено пред истекот на тековниот престој. Причините за продолжување на престојот се исти како и за неговото прво односно претходно одобрување.

Привремениот престој како и неговото продолжување нема да се одобри на странец:



  • Ако не постојат причини заради кои се одобрува (кои се опишани погоре);

  • Кој нема средства за издржување;

  • Кој влегол во Република Македонија спротивно на одредбите за влегување утврдени со Законот за движење и престој на странци;

  • Кој е протеран (согласно спроведена судска постапка) или му е откажан престојот во Република Македонија, додека траат тие мерки;

  • Кој се води во евиденцијата на надлежните органи како меѓународен престапник или за кого постои основано сомнение дека во Република Македонија доаѓа со намера да врши терористички или други кривични дела;

  • Кој во барањето за виза или при влегувањето во Република Македонија дал неточни податоци за себе или за целта на патувањето и престојот или се послужил со лажни исправи;

  • Кој не поседува документи врз основа на кои може да се утврди неговиот идентитет;

  • Кој доаѓа од подрачје каде владеат заразни болести, а нема доказ за вакцинација;



Против решението за одбивање на барањето за издавање на одобрение за привремен престој странецот има право на жалба во рок од 15 дена до Комисијата за решавање во управна постапка во втор степен од областа на внатрешните работи, судството, државната управа, локалната самоуправа и работите од верски карактер при Владата на Република Македонија.

На странец кој престојува во Република Македонија врз основа на одобрение за привремен престој (како и врз основа на издадена виза или безвизен престој со важечка патна исправа), престојот може да му се откаже:



  • Кога тоа го бараат причините за заштита на безбедноста и одбраната на Република Македонија;

  • Ако одбива да ги извршува одлуките на државните органи;

  • Ако изврши повеќе пати повторени или потешки повреди на со Уставот и законите утврдениот поредок, редот и мирот или безбедноста на државната граница на Република Македонија;

  • Ако изврши повреда на одредбите на Законот за движење и престој на странци;

  • Кој во барањето за издавање виза или при влегувањето на територијата на Република Македонија дал неточни податоци за себе или целта на престојот или се послужи со лажни исправи;

  • Ако од страна на странски суд или суд на Република Македонија осуден е за кривично дело на казна затвор во траење од најмалку три месеци;

  • Ако остане без средства за издржување, а издржувањето за време на престојот во Република Македонија не му е обезбедено на друг начин;

  • Кога се работи за заштита на здравјето на граѓаните;



При донесувањето на решението за откажување на престојот се земаат во предвид должината на престојот на странецот во Република Македонија, неговите лични, економски и други врски во Република Македонија и последиците кои ќе произлезат од изречената мерка за него и неговото семејство.

Престојот се откажува за рок кој не може да биде покус од 6 месеци ниту подолг од 5 години, во кој период странецот нема право да влегува и престојува во Република Македонија.

Во решението се утврдува и рокот во кој странецот е должен да ја напушти територијата на Република Македонија, при што се зема предвид времето што му е потребно на странецот да замине од државата.

Против решението за откажување на престојот странецот има право на жалба во рок од 15 дена до горенаведената второстепена Комисија при Владата на Република Македонија.

Жалбата против решението на странецот кој престојува во Република Македонија врз основа на одобрение за привремен престој покусо од три години не го одлага извршувањето на решението.

Одобрението за привремен престој престанува:



  • Кога ќе истече важноста на одобрението, а странецот не поднесе барање за продолжување;

  • Кога е протеран (согласно спроведена судска постапка) или му е откажан престојот;

  • Кога ќе стекне државјанство во Република Македонија.


3. Дали имате имиграциски правила за повторно соединување на семејствата? Доколку имате, Ве молиме да ги наведете.

Во член 20 став 1 од Законот за движење и престој на странци (“Службен весник на Република Македонија”, бр. 36/92, 66/92, 26/93 и 45/02) предвидено е дека странец кој ќе оствари влез во Република Македонија со важечка патна исправа може да престојува до три месеци односно до времето на важењето на визата.

Странец кој во Република Македонија доаѓа заради школување, специјализација, лекување, вршење на определена професионална дејност, вработување, склучување брак со државјанин на Република Македонија, врз основа на поседување недвижен имот на територијата на Република Македонија или постоење на други оправдани причини за подолг престој како што е стипулирано во член 20 став 1 од Законот за движење и престој на странци (“Службен весник на Република Македонија”, бр. 36/92, 66/92, 26/93 и 45/02) може пред истекот на време за кое му е дозволен престој врз основа на патната исправа (три месеци или до важењето на визата) да поднесе барање за одобрување на привремен престој.

На странец кој најмалку 3 години легално непрекинато престојува во Република Македонија (со одобрение за привремен престој) може да му се издаде одобрение за постојан престој.

Странците на кои согласно горенаведените одредби им е одобрен привремен или постојан престој, имаат право на семејно поврзување што е регулирано со член 24 од Законот за движење и престој на странци (“Службен весник на Република Македонија”, бр. 36/92, 66/92, 26/93 и 45/02). Одобрение за привремен или постојан престој може да му се издаде и на детето до наполнети 18 години живот или на брачниот другар на странецот кој има одобрение за постојан или привремен престој во Република Македонија. По исклучок на странецот со одобрен престој може да му се дозволи семејно поврзување и со поблиски роднини (родители) на кои им е потребна грижа, доколку нема други блиски роднини кои би се грижеле за нив во државата чиј што државјани се.

Согласно член 22 од гореспоменатиот Закон предвидено е дека привремениот престој воопшто (и во случаите заради семејно спојување) може да се одобри во рок од 1 година. Привремениот престој на членовите на семејството на странецот, може да се продолжува од истите причини како и при првото одобрување, најдолго за времето за кое е одобрен и престојот на странецот.

Членовите на семејството на странецот и неговите поблиски роднини, барањето за одобрување привремен престој по основ на семејно спојување, го поднесуваат во подрачните единици при Министерството за внатрешни работи на Република Македонија, во местото на нивното престојување.

4. Дали имате имиграциски правила за добивање на статус на лице со право на долгорочен престој? Доколку имате, Ве молиме да ги наведете.

Странец стекнува право на долгорочен престој со добивање на одобрение за постојан престој во Република Македонија. Одобрувањето на постојан престој е регулирано со Законот за движење и престој на странците (“Службен весник на Република Македонија”, бр. 36/92, 66/92, 26/93 и 45/02) и со Правилникот за начинот на издавање на патни и други исправи и визи на странци и за обрасците на тие исправи и визи (“Службен весник на Република Македонија”, бр. 75/93).

Барањето за одобрување на постојан престој странецот го поднесува на посебен образец (испишан на македонски, англиски и француски јазик). Барањето за децата го поднесува еден од родителите или старателот. Исправите што се приложуваат кон барањето издадени од надлежните органи на Република Македонија се поднесуваат во заверен препис, а странските исправи во заверен превод. Овластеното службено лице кое ја води постапката може да ги побара на увид и оригиналните исправи.

Брањето се поднесува во подрачната единица на Министерството за внатрешни работи на чие подрачје странецот има престојувалиште. Овластеното службено лице може да бара и усни известувања во поглед на фактите наведени во барањето. Барањето може да се поднесе и во дипломатско - конзуларното претставништво на Република Македонија во странство.

Кон барањето за долгорочен престој се приложува: извод од матичната книга на родените, извод од матичната книга на венчани (за лица во брак), уверение за здравствена состојба, исправа за школската или стручната подготовка, исправа со која се докажува дека има средства за издржување или дека издржувањето во Република Македонија му е обезбедено на друг начин, како и други соодветни исправи издадени од надлежни органи.

Условот да се поднесе барање за одобрение на постојан престој е странецот најмалку три години непрекинато легално да престојувал на територијата на Република Македонија и да ги исполнува условите кои го оправдуваат постојаниот престој. Условите кои го оправдуваат постојаниот престој (по три години привремен престој) се: вршење определена професионална дејност, уживање право врз основа на работен однос, склучување брак со државјанин на Република Македонија, поседување недвижен имот на територијата на Република Македонија и други услови. На странец чиј престој е во интерес на Република Македонија може да му се издаде одобрение за постојан престој и пред истекот на рокот од најмалку три години.

Одобрението за постојан престој може да се издаде и на детето до наполнети 18 години живот или на брачниот другар на странецот кој има одобрение за постојан престој во Република Македонија.

Одобрението за постојан престој се издава во форма на решение од страна на надлежната организациона единица во Министерството за внатрешни работи. Решението се запишува и во патната исправа на странецот.

Против решението со кое се одбива барањето за одобрување на постојан престој странецот може да поднесе жалба во рок од 15 дена од приемот на истото до Комисијата за решавање во управна постапка во втор степен од областа на внатрешните работи, судството, државната управа, локалната самоуправа и работите од верски карактер при Владата на Република Македонија.

Одобрението за постојан престој престанува:



  • Кога странецот ќе се исели или ќе престојува во странство непрекинато подолго од една година, а за тоа не го известил Министерството за внатрешни работи (со донесување на решение);

  • Кога ќе стекне државјанство на Република Македонија;

  • Кога му е изречена мерка на безбедност протерување во кривична или прекршочна постапка или му е откажан престојот во Република Македонија од страна на подрачната единица на Министерството за внатрешни работи каде странецот престојува;



Во Република Македонија издадени се одобренија за постојан престој на вкупно 597 странци. Најмногу странски државјани се од Србија и Црна Гора - 193, Бугарија - 85; Полска - 71; Руската федерација - 50; Романија -21; Босна и Херцеговина -21; Грција -17; Узбекистан -17; Хрватска -16; Чешка-16; Словачка -15; Австралија - 8; Украина - 7; Унгарија - 7; Турција - 6; Германија - 6; Италија - 4; Канада - 3; Ирак - 3; Сирија - 3; по двајца или еден државјанин се од Јордан, Холандија, Словенија, Јапонија, Шведска, Велика Британија, Франција, Белгија, Белорусија и 11 се евидентирани како лица без државјанство.

5. Опишете го вашиот систем на прифаќање на странците за вработување, студирање и истражување.

Вработувањето на државјани од трети земји се врши на начин и услови утврдени во Законот за условите за засновање работен однос со странски државјани (“Службен лист на СФРЈ”, бр. 11/78 и 64/89). Вработувањето на странци се врши врз основа на предходно обезбедена дозвола за работа врз основа на која се издава одобрение за привремен престој.

Со член 12 од Законот за движење и престој на странците (“Службен весник на Република Македонија”, бр. 36/92, 66/92, 26/93 и 45/02) e утврдено дека на странец кој доаѓа во Република Македонија заради вработување, школување, научно истражување или за вршење на одредена професионална дејност му се издава виза. Барањето за виза се поднесува до дипломатско - конзуларното претставништво на Република Македонија во странство. Во барањето странецот ги наведува причините за доаѓањето во Република Македонија односно во која фирма-организација би работел, во која образовна установа би се школувал, студирал, какво научно истражување би вршел и слично.

За издавањето на визата секогаш е потребна согласност од Министерството за внатрешни работи (МВР) на Република Македонија. По добиеното известување од дипломатско - конзуларното претставништво, Министерството за внатрешни работи пред да ја даде потребната согласност за издавање на визата прибавува мислење од Министерството во чија надлежност е дејноста за која странецот бара виза.

По добиената согласност дипломатско - конзуларното претставништво му издава влезно-излезна виза на странецот со важност до еден месец. Во образецот на визата (налепница) се запишува целта за која се издава: “за вработување”, “за школување, “за научно истражување” и слично.

Странецот на кого од дипломатско - конзуларното претставништво му е издадена виза со една од наведените причини, е должен по влегувањето во Република Македонија да поднесе барање за добивање привремен престој во подрачната единица на МВР во местото на престојување.

Странецот кој бара одобрение за привремен престој заради вработување кон барањето приложува одобрение за вработување (дозвола за работа) добиено по влегувањето во Република Македонија од страна на Агенцијата за вработување. За повеќе детали види 02_Е_01.

За привремениот престој по основ на школување - студирање кон барањето се приложува и потврда дека странецот има својство на ученик-редовен студент на соодветна образовна установа односно факултет во Република Македонија.

Странецот кој бара привремен престој заради научно истражување кон барањето го приложува и одобрението со кое може да врши научно истражување издадено од надлежната институција - организација.

Со барањето за привремен престој по наведените основи, освен наведените докази за целта на доаѓањето странецот е должен да приложи и докази дека има обезбедени средства за издржување односно дека издржувањето му е обезбедено на друг начин (потврда за состојбата за банковната сметка на странецот, потврда за висината на платата или стипендијата, како и друга исправа со која се докажува постоењето на средства потребни за издржување).

Одобрението за привремен престој го издава подрачната единица на МВР со втиснување на пропишаниот штембил во патната исправа на странецот, со рок на важење до една година,односно до истекот на рокот на важењето на странската патна исправа ако тој рок е покус од една година. На барање на странецот кое се поднесува пред истекот на важењето на одобрението привремениот престој може да се продолжи, доколку и понатаму постојат и може да се докажат причините за престојот.

6. Опишете ја вашата политика за интеграција на државјани од трети земји.

Формулирањето на политиката на интеграција на државјани од трети земји се базира на следниве основни претпоставки:




  • Почитување на меѓународните стандарди во оваа област;

  • Потребата од обезбедување урамнотежен и стабилен економски, демографски и политички развој на Република Македонија;

При тоа, ќе се имаат во предвид и состојбите на пазарот на трудот, како и потребата од обезбедување на социјален развој.


Политиката на интеграција на државјаните на трети земји во Република Македонија се состои од две компоненти:


  1. Правно регулирање на статусот на државјаните на трети земји кои престојуваат во РМ, овозможувајќи им да ги уживаат правата и обврските кои произлегуваат од Уставот, законите и другите прописи;




  1. Преземање на активни мерки кои ќе ја олеснат нивната понатамошна интеграција во земјата;

Согласно Националниот акционен план за миграција и азил се утврдени рамките кои се однесуваат на политиката на интеграција. Имено, во овој документ е стипулирано дека политиката на интеграција е насочена кон намалување на пречките и овозможување еднакви права и можности на бегалците и имигрантите. За повеќе детали види 24_Анекс_01.

Овие насоки на политиката на интеграција се реализираат преку позитивната легислатива со која се уредува оваа област.

Според член 29 од Уставот на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија“, бр. 52/91, 01/92, 31/98, 91/01, 84/03) странците уживаат слободи и права гарантирани со Уставот, под услови утврдени со закон и меѓународни договори. Република Македонија им гарантира го правото на азил на странци и лица без државјанство прогонети заради демократско политичко убедување и дејствување. Екстрадицијата на странец може да биде извршена само врз основа на ратификуван меѓународен договор и врз начелото на реципроцитет. Странец не може да биде екстрадиран поради политичко кривично дело, при што дејствијата на тероризам не се сметаат за политички кривични дела.

Согласно чл. 31 од Уставот на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија“, бр. 52/91, 01/92, 31/98, 91/01, 84/03) странец може да стекнува во Република Македонија право на сопственост, под услови утврдени со закон. Согласно со член 2 од Законот за сопственост и други стварни права (“Службен Весник на Република Македонија”, бр. 18/01) право на сопственост може да стекнат сите домашни и странски физички и правни лица. Покрај тоа, според член 59 од Уставот на Република Македонија тие имаат право на слободно изнесување на вложениот капитал и добивката.

Според тоа, на странските државјани, согласно Законот за движење и престој на странците (“Службен Весник на Република Македонија”, бр. 36/92, 66/92, 26/93 и 45/02) им е признаено правото на привремен и постојан престој на начин и услови утврдени со овој Закон. Со овој закон детално се регулирани условите, начините и постапката за добивање привремен или постојан престој како и правата и обврските на лицето кое бара престој.

Странските државјани со регулиран престој во РМ имаат право да формираат здруженија на граѓани согласно Законот за здруженијата на граѓани и фондациите (“Службен Весник на Република Македонија”, бр. 31/98). Ова нивно право е разработено во рамките на членовите 66, 67 и 68 на Законот за движење и престој на странците (“Службен Весник на Република Македонија”, бр. 36/92, 66/92, 26/93 и 45/02).

Странските државјани во согласност со законот и прифатените меѓународни конвенции, како и во согласност со склучените договори со други држави, имаат права како останатите граѓани на Република Македонија, до обем и ниво утврдени со меѓудржавните договори врз принципот на реципроцитет.

Согласно Законот за социјална заштита (“Службен Весник на Република Македонија”, бр. 50/97, 16/00, 17/03 и 65/04) странските државјани со постојан престој во државата ги имаат истите права од областа на социјалната заштита како и македонските државјани.

Овие лица исто така можат да се појават на пазарот на трудот под услови пропишани со Законот за условите за засновање на работен однос со странци (“Службен лист на СФРЈ”, бр. 11/78 и 64/89 и “Службен Весник на Република Македонија”, бр. 12/93) ја уредува постапката, начините и условите под кои странците може да се појават на пазарот на трудот и да ги уживаат правата и обврските кои произлегуваат од работниот однос во РМ.

Согласно Законот за азил и привремена заштита (“Службен Весник на Република Македонија”, бр. 49/2003) барателите на азил во државата имаат право на сместување и згрижување во прифатен центар или друго место определено од Министерството за труд и социјална политика, основни здравствени услуги, работа во рамки на прифатниот центар или другото место за сместување определено од Министерствотo за труд и социјална политика. Лицата со признат статус на бегалец имаат приближно исти права со граѓаните на Република Македонија. Согласно Законот за азил и привремена заштита (“Службен Весник на Република Македонија”, бр. 49/2003) овие лица во првите две години е уживаат право на парична помош и сместување согласно принципите на локално учество преку давање на соодветен стан на користење или парична помош за обезбедување на простории за сместување до обезбедување на средства за своја егзистенција.

Во правец на интеграцијата на државјаните од трети земји во РМ, мерките кои државните органи ги преземаат имаат за цел да ја поддржат нивната интеграција во општеството преку унапредување на нивниот правен статус во земјата и овозможување на еднакви можности. За таа цел Владата на РМ успешно соработува на ова поле со Меѓународната организација за миграција (ИОМ) со која има потпишано Меморандум за разбирање (“Службен Весник на Република Македонија”, бр. 55/2001). Македонските власти работат на зајакнување на соработката и координацијата на активностите на разните државни институции (формирање на меѓуминистерска работна група; види одговор 24_F_10) нивната соработка со институции од приватниот / невладиниот сектор, како и на стимулирање на соработката со мрежи на организации инволвирани во овој процес.


7. Наведете статистички податоци за имиграцијата во 2002, 2003 и ако имате за 2004 година вклучувајќи и структура според државјанство и според причините за имиграција

Статистиките кои се однесуваат на имиграцијата според државјанство и причини за имиграција се следниве:




РЕГИСТРИРАНИ ИМИГРАНТИ СО КРАТКОТРАЕН И ДОЛГОТРАЕН ПРЕСТОЈ - СПОРЕД ДРЖАВЈАНСТВО

Држава

2002

2003

Србија и Црна Гора

879

712

Република Македонија


723

567

Албанија

297

206

Бугарија

160

97

Украина

129

44

Босна и Херцеговина

103

62

Турција

87

48

Руска федерација

57

30

Хрватска

46

33


Грција

46

56

Германија

25

25

САД

-

90

Кина

-

20

Лица со неутврдено државјанство

11

59

Други држави

284

190

Вкупно

2.798

2.239

Извор: МВР



РЕГИСТРИРАНИ ИМИГРАНТИ СО КРАТКОТРАЕН И ДОЛГОТРАЕН ПРЕСТОЈ - СПОРЕД ПРИЧИНИ ЗА ИМИГРАЦИЈА

Причини

2002

2003


Вработување

311

192

Брак

303

254

Семејни причини

1.366

1.071


Професионална дејност

154

192

Други причини

664

530

Вкупно


2.798

2.239

Извор: МВР

Изнесените податоци се презентирани согласно препораките за меѓународната миграција и според терминологијата и методологијата на презентација согласно ЕУРОСТАТ каде учествува и Република Македонија со доставување на свои податоци.


1   ...   12   13   14   15   16   17   18   19   ...   51


©netref.ru 2017
әкімшілігінің қараңыз

    Басты бет