Правда и внатрешни работи



жүктеу 6.72 Mb.
бет43/51
Дата02.05.2016
өлшемі6.72 Mb.
1   ...   39   40   41   42   43   44   45   46   ...   51
:

Заштита на еврото од фалсификување (аспекти на „третиот столб“).




1. Дали имате пристапено кон Меѓународната конвенција за сузбивање на фалсификувањето од 1929 година?

Република Македонија нема пристапено на Меѓународната конвенција за сузбивање на фалсификувањето од 1929 година (Лига на народите). Надлежните институции ќе отпочнат постапка за пристапување кон Конвенцијата и за нејзина ратификација во текот на 2005 година..


2. Дали во националното право се инкриминира изработката и менување на фалсификувани валути и казниви дела поврзани со ова? Дали се предвидува казнување на таквите активност со соодветни кривични казни, вклучувајќи затвор и можност за екстрадикција?

Согласно членот 122 точка 12 од Кривичниот законик на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр. 37/96, 80/99, 4/02, 43/03 и 19/04) под поимот пари се подразбира метални и книжни пари кои врз основа на Законот се во оптек во Република Македонија или во странска држава, што значи дека во кривичното законодавство на Република Македонија е дадена заштита и во однос на фалсификувањето на Еврото и останатите странски валути.

Во Република Македонија согласно Кривичниот законик , во главата на кривичните дела против јавните финансии, платниот промет и стопанството, предвидено е кривично дело фалсификување на пари (член 268). Дејствието на извршување на ова кривично дело се јавува во повеќе облици. Прв облик е правење лажни пари со намера да се пуштат во оптек како вистински, вториот облик е преиначување на вистински пари со намера да се стават во оптек и третиот облик е пуштање во оптек на лажни пари. За наведеното дејствие е пропишана казна затвор во траење од една до десет години. Со истата казна ќе се казни и сторителот од ставот 2, каде е пропишан посебен облик на делото, прибавување на лажни пари со намера да се ставаат во оптек како вистинити.

Предвидено е и квалификуван потежок облик, што се состои во растројство во стопанството на земјата, поради делото од став 1 и став 2, за кое сторителот ќе се казни со затвор најмалку пет години, што значи дека може да го достигне општиот максимум на казнување (во најдолго траење од 15 години), на казната затвор.

Со законот се предвидени и два полесни облици на фалсифкувани пари и тоа: прво, кога лажни пари се примени како вистински, но иако вистински понатаму ќе ги пушти во оптек, и второ, кога сторителот знае дека се направени лажни пари или дека лажни пари се пуштени во оптек, па тоа нема да го пријави. Во овој случај, сторителот се казнува со парична казна или со затвор до три години.

Лажните пари задолжително се одземаат

Што се однесува пак до можноста за екстрадиција на обвинети или осудени лица за овие кривични дела во Република Македонија согласно одредбите од член 502 до член 525 од Законот за кривична постапка (“Службен весник на Република Македонија”бр. 15/97, 44/02, 74/04“), како и членот 2 став 1 и членот 5 од Европската конвенција за екстрадиција на обвинети и осудени лица, односно членот 2 од Вториот дополнителен протокол на Европската конвенција за екстрадиција (“Службен весник на Република Македонија” бр. 32/99), која Република Македонија ја има ратификувано, односно е во сила од 01.11.1999 година, дозволена е екстрадиција за фискални кривични дела.

Во прилог на горенаведеното согласно членовите 118 и 119 од Уставот на Република Македонија, меѓународните договори што се ратификувани во согласност со Уставот се дел од внатрешниот правен поредок и не можат да се менуваат со закон. Меѓународните договори во името на Република Македонија ги склучува Претседателот на Република Македонија, односно Владата на Република Македонија кога тоа е определено со закон.

Кривичниот законик на Република Македонија во членот 269 го санкционира и фалсификувањето на хартии од вредност, а дејствието на делото се состои во изработка на лажни хартии од вредност и преиначување на хартии од вредност, односно употребата на истите како вистински или давањето на употреба на фалсификувани хартии од вредност и директно употребата на истите. За ова кривично дело пропишана е казна затвор од една до десет години, а иста казна е предвидена и за тоа кој што прибавува лажни хартии од вредност со намера да ги пушти во оптек како вистински.

Казна до три години затвор е предвидена и за тоа кој што лажни хартии од вредност што ги примил како вистински ќе ги пушти во оптек или тој кој што знае дека се направени лажни хартии од вредност или дека лажни хартии од вредност се пуштени во оптек, па тоа нема да го пријави.

Лажните хартии од вредност задолжително се одземаат во постапка.

Со овие дела поврзани се и кривичните дела фалсификување на знаци од вредност од член 270 од Кривичниот законик, правање, набавување или оттуѓување средства за фалсификување од член 271; фалсификување на знаци за обележување на стоки, мерки и тегови од член 272, како и фалсификување на исправа од член 378; фалсификување или уништување деловни книги од член 270 од Кривичниот законик и фалсификување на службена исправа од член 361 од Кривичниот законик.


3. Дали националното право обезбедува соодветна надлежност над казнивите дела кои вклучуваат фалсификување на евра и други валути?

Националното право обезбедува соодветна надлежност на кривичните дела кои вклучуваат фалсификување на евра и други валути преку Законот за судовите (“Службен весник на Република Македонија” бр. 36/95, 45/95 и 64/03) со кој се определува судска надлежност за кривичните дела, Законот за кривичната постапка (“Службен весник на Република Македонија” бр. 15/97, 44/02 и 74/04) и Кривичниот законик (“Службен весник на Република Македонија” бр. 37/96, 80/99, 4/02, 43/03и 19/04).

Согласно Кривичниот законик Фалсификувањето пари (член 268) е кривично дело за кое се гони по службена должност и за стореното на извршителот на делото, може да му се изрече казна затвор од една до десет години, а за квалифициран облик на делото од најмалку пет години.

Види одговор 24_III_02.


4. Дали во националното право постои концепт на кривична одговорност на правните лица за такви видови на кривични дела?

Во Република Македонија концепцијата на кривичната одговорност на правните лица (член 28-а) од Кривичниот законик (“Службен весник на Република Македонија”, бр. 37/96, 80/99, 4/02, 43/03 и 19/04) е прифатена како во поголемиот дел од европските казнени законодавства, со оглед на тоа што статуирањето на казнената одговорност на правните лица станува заедничка карактеристика на реформите во европските казнени законодавства.

Во Глава XXV кривични дела против јавните финансии, платниот промет и стопанството, кај кривичните дела перење пари и други приноси од казниво дело - член 273, издавање чек без покритие и злоупотреба на кредитна картичка - член 274, измама при работење со хартии од вредност и удели - член 275, криумчарење - член 278 и друго, предвидена е одговорност на правно лице.

Согласно Кривичниот законик (член 28-а) правното лице е кривично одговорно во случаите определени со закон, за определени кривични дела, ако до извршувањето на делото дошло со дејствије или со пропуштање на должен надзор на органот на управување или на друго лице кое било овластено да постапува од името на правното лице, во рамките на неговите овластувања, или кога тоа ги пречекорило своите овластувања заради остварување корист за правното лице.

Кривичната одговорност на правното лице не ја исклучува одговорноста на сторителот на кривичното дело, а за делата определени со закон кривично одговорни се сите правни лица со исклучок на државата. Во однос на странските правни лица законот предвидува нивна одговорност ако делото го сториле на територијата на Република Македонија, без оглед дали имаат свое претставништво или подружница која врши дејност на нејзина територија.

Ова формулирање на условите за одговорност значи определба за теоријата на идентификација, која има рестриктивно значење и е поблиску до начелото на субјективна одговорност на органот на управување или претставникот на правното лице.

Според Кривичниот законик (член 96) за кривични дела на правни лица можат да се изречат следните казни: парична казна, привремена забрана за вршење одделна дејност, трајна забрана за вршење одделна дејност и престанок на правното лице. На правното лице конфискуваниот имот и имотна корист прибавени со кривично дело на правното лице соодетно се применуваат одредбите од членовите 98 до 100 Кривичниот законик на Република Македонија.

Доколку од правното лице не може да се конфискува имот или имотна корист бидејќи тоа престанало да постои пред извршување на конфискацијата, основачот или основачите на правното лице, односно акционерите или содружниците кај трговското друштво, солидарно ќе се обрзат да платат паричен износ што одговора на прибавената имотна корист.

Во случај на одземање предмети од правното лице соодветно се применуваат одредбите од член 101-а од Кривичниот законик, односно, правните последици од осудата што се надоврзуваат на осудите за определени кривични дела може да настапат само кога за кривичното дело на сторителот му е изречена казна затвор.

Во Кривичниот законик при одмерување на казната на правното лице судот ќе го земе предвид билансот на состојбите и билансот на успехот на правното лице, видот на дејноста и природата и тежината на извршеното дело, кривичната одговорност на правните дела кај кривичните дела од организиран криминал и измама е содржана во повеќето кривични дела од овој вид за кој е предвидена парична казна. `

Во Законот за кривичната постапка, предвидена е глава која се однесува на постапката спрема правните лица, а особено постапка за утврдување на кривичната одговорност и изрекување на казни и други мерки на правните лица како сторители на кривични дела, а доколку со одредбите од оваа глава не е поинаку определено во постапката спрема правни лица соодветно се применуваат одредбите од Законот за кривичната постапка.

Исто така, во нашиот правен систем е предвидена прекршочна одговорност на правните лица според Законот за прекршоци, заснована врз истите начела на претпоставена одговорност.


5. Дали Вашата земја, со цел утврдување повторување на кривичните дела, ги признава казните изречени во други земји членки на ЕУ за овој вид на криминал?

Во Кривичниот Законик на РМ (“Службен весник на Република Македонија“, бр. 37/96, 19/04) експлицитно не е регулиран статусот на странските пресуди како основ за поврат. Сепак, судската практика на странските казнени пресуди признава дејство на судски антецеденти кај повратот и одмерувањето на казната на сторителот на ново кривично дело. Странската судска пресуда се признава како основ за поврат под услов на двојна инкриминација т.е. само во однос на кривични дела што и во нашиот Кривичен законик се предвидени како кривични дела.

Според чл. 39 ст.4 од Кривичниот законик на РМ, повратот е факултативна отежнувачка околност што значи дека на повратникот му се одмерува казна во границите пропишани со законот, со тоа што повратот влијае изречената казна да се определи близу до горната граница на законски пропишаната казна.

Понатаму, во Законот за кривичната постапка (“Службен весник на Република Македонија” број 15/97 , 44/02 и 74/04). во Главата XXX уредена е постапката за давање меѓународна правна помош и извршување на меѓународни договори во кривично правните предмети и од овој вид криминал.

Согласно член 505 домашните судови можат да ја прифатат молбата на странскиот орган со која се бара извршување на кривична пресуда на странски суд или на меѓународен суд ако е тоа определено со меѓународен договор или ако постои реципроцитет или ако санкцијата ја изрече и домашниот суд според Кривичниот законик.

Надлежниот суд донесува пресуда во совет составен од тројца судии. За седницата на советот ќе се извести јавниот обвинител и бранителот. Месната надлежност на судот се определува според последното живеалиште на осуденото лице во Република Македонија - според местото на раѓање. Ако осуденото лице немало живеалиште, ниту е роден во Република Македонија, Врховниот суд на Република Македонија ќе определи еден од стварно надлежните судови пред кои ќе се спроведе постапката.

Во изреката на пресудата судот ќе ја внесе целосната изрека и називот на судот од странската пресуда и ќе изрече санкција соодветна со казна која ја изрекол странски суд. Во образложението на пресудата ќе се изнесат причините со кои се раководел при изрекувањето на санкцијата.

Против пресудата можат да изјават жалба јавниот обвинител и осудениот или неговиот бранител. Ако странскиот државјанин осуден од домашен суд или лицето овластено со договор поднесе молба до првостепениот суд осудениот да ја издржува казната во својата земја, првостепениот суд ќе постапи по меѓународен договор.

Извршувањето на пресудата на меѓународниот суд се врши според меѓународниот договор за неговото основање ратификуван во согласност со Уставот на Република Македонија.

Кривичниот совет од месно надлежниот првостепен суд, со пресуда ја потврдува автентичноста и извршноста на пресудата на меѓународниот суд и го определил начинот на извршување на санкциите и другите мерки.


6. Дали имате формално одредено национална централна канцеларија одговорна за фалсификување на валути во согласност со член 12 од Женевската конвенција од 1929 и Регулативата 1338/2001?

Во Република Македонија не постои формално одредено национална централна канцеларија одговорна за фалсификување на валути согласно член 12 од Женевската конвенција од 1929 год. и Регулативата 1338/2001, но и покрај тоа, во државата точно се одредени институциите што се одговорни за централизација и обработка на информации што се однесуваат на фалсификување на банкноти и монети и надлежностите во однос на истрагата, превенцијата и казнувањето. Имено, Народна банка на Република Македонија е одредена за техничка анализа и централно собирање и обработка на информации за фалсификувани новчаници и ковани пари на денарот, а Министерството за внатрешни работи на Република Македонија е надлежно за техничка анализа на фалсификувани евра и останати странски валути и ковани пари. Ова Министерството односно Одделот за криминалистичка полиција е недлежен да води евиденција за сите регистрирани фалсификувани банкноти на денарот, еврото и другите странски валути и ковани пари и за извршителите на кривични дела во врска со фалсификувањето на валути, да ги информира ИНТЕРПОЛ и другите земји за појавите на фалсификати на пари и да ги преземе сите потребни мерки во борбата и спречувањето на фалсификувањето на валути.





1   ...   39   40   41   42   43   44   45   46   ...   51


©netref.ru 2017
әкімшілігінің қараңыз

    Басты бет