Правда и внатрешни работи


Како се примаат и доставуваат странските судски и вонпроцесни одлуки? На кој начин се испраќаат судските и вонпроцесни документи доколку мора да се достават во странство?



бет49/51
Дата02.05.2016
өлшемі6.72 Mb.
1   ...   43   44   45   46   47   48   49   50   51

7. Како се примаат и доставуваат странските судски и вонпроцесни одлуки? На кој начин се испраќаат судските и вонпроцесни документи доколку мора да се достават во странство?

Согласно Законот за кривичната постапка („Службен весник на Република Македонија“, бр. 15/97, 44/02 и 74/04), Законот за парничната постапка („Службен весник на Република Македонија“, бр. 33/98 и 44/02) и Законот за општата управна постапка („Службен весник на Република Македонија“, бр. 47/86 и 44/02), во Република Македонија странските судски и вонсудски документи се примаат од странските судски и управни органи преку дипломатски пат. Дипломатскиот пат се применува и кога судските и вонсудските документи треба да бидат доставени до надлежните странски органи.

Во итни случаи, молбите за правна помош можат да се доставуваат преку Министерството за внатрешни работи - ИНТЕРПОЛ.

Министерството за надворешни работи го доставува странското барање за правна помош во граѓанските и кривичните предмети во надлежност на Министерството за правда, а административните предмети во надлежност на надлежните управни органи (надлежното министерство).

Согласно Законот за кривичната постапка (член 503 и 504) и Законот за парничната постапка (член 125), дипломатскиот пат се користи ако нешто друго не е определено поинаку со меѓународен договор (повеќестран и билатерален). Ако доставувањето на писмена треба да се изврши до државјанин на Република Македонија во странство , доставувањето може да се изврши преку дипломатски претставник на Република Македонија кој ги врши конзуларните работи во односната држава. Доставувањето е полноважно само ако лицето до кое се доставува писменото се согласи да го прими.

Министерството за надворешни работи ќе ја упати молбата од странскиот орган за правна помош до Министерството за правда, кое понатаму ќе ја достави на постапка до судот на чие подрачје престојува лицето на кое треба да му се врачат документи. За дозволеноста и начинот на доставата што е предмет на барањето на странскиот орган одлучува судот според домашните прописи.

Република Македонија е потписник на Европската конвенција за меѓусебна правна помош во кривичните предмети од 1999 година со Дополнителните протоколи, па постапката на доставувањето на правосудните документи во потполност е во согласност со со меѓународната практика.

8. Како ги решавате барањата на странските судови за собирање на докази? На кој начин се испраќаат во странство барањата за собирање на докази од вашата земја?

Според член 504 од Законот за кривичната постапка (“Службен весник на Република Македонија”, бр. 15/97, 44/02 и 74/04), Министерството за надворешни работи ја упатува молбата на странскиот орган за правна помош до Министерството за правда кое ја доставува на постапка до судот на чие подрачје престојува лицето на кое треба да му се врачи некое писмено или кое треба да се испита или да се соочи или на чие подрачје треба да се изврши некое друго истражно дејствие, односно да се изведат доказите.

Изведените (собраните) докази се проследуваат на државата подносител на барањето за изведување (собирање) на докази по дипломатски пат. Дипломатски пат се применува и кога македонскиот суд упатува свое барање за правна помош за изведување на докази на надлежниот странски суд. Во итни случаи, барањата за правна помош изведување (собирање) на докази можат да се доставуваат преку Министерството за внатрешни работи - Интерпол.

Согласно член 15 од Европската конвенција за меѓусебна правна помош во кривичните предмети, барањата на странските судови за изведување на докази се упатуваат од страна на Министерството за правда на страната – молител до Министерството за правда на замолената страна и се враќаат на истиот начин.


9. Дали постои можност за надомест на штета од страна на државата на жртвите на кривични дела? Доколку постои, како е тоа организирано?

Обештетувањето се утврдува врз основа на правилата за надомест на штета утврдени со Законот за облигационите односи („Службен весник на Република Македонија„, бр. 18/01, 4/02 и 5/03). Обештетувањето опфаќа надоместок на целата штета (материјална и нематеријална) што ја претрпело оштетеното лице. Во случај на смрт, телесна повреда или оштетување на здравјето се определува паричен надомест во форма на парична рента која ги опфаќа трошоците за лекување, за загубена заработувачка поради неспособноста за работа, надомест поради изгубените или намалените можности за натамошно напредување и сл. Покрај ова Законот за облигационите односи предвидува и надомест на нематерјална штета. Согласно член 189 од Законот за облигациони односи за претрпените физички болки, за претрпени душевни болки поради намалување на животната активност, нагрденост, повреда на угледот, честа, слободата или правата на личноста, смрт на блиско лице и претрпениот страв, судот, ако најде дека околностите на случајот, а особено јачината на болките и стравот и нивното траење го оправдува тоа, ќе досуди справедлив паричен надомест, независно од надоместот на материјалната штета како и во нејзино отсуство. Во случај на смрт на некое лице или особено тежок инвалидитет, судот може да им досуди на членовите на неговото потесно семејство (брачен другар, деца и родители) справедлив надомест за нивните душевни болки (член 190).

Граѓанската постапка се поведува со тужба. Надлежни судови кои постапуваат по овој вид предмети се основните судови.

Како посебни случаи на одговорност законот ги наведува: одговорноста поради терористички акти, јавни демонстрации или манифестации; одговорност поради дела на корупција сторени од државни службеници при вршење на нивните функции и одговорност за штета поради насилни казниви дела од непознат сторите. Во сите овие случаи одговорност за надоместок на штетата сноси државата (член 166, 167 и 168).

Во случај кога кривичното дело е сторено од страна на службено лице, заштитата може да се оствари и преку Народниот правобранител, кој според Уставот ги штити слободите и правата на граѓаните кога тие се повредени со акт или дејствие на органите на државната управа или органи и организации што имаат јавни овластувања. Ако Народниот правобранител констатира дека се повредени уставните и законските права на граѓаните, може да предложи поведување на дисциплинска постапка против службеното лице, односно да поднесе барање до јавниот обвинител за покренување на кривична постапка против тоа лице.

Исто така, оштетениот (жртвата) име право во рамките на кривичната постапка да поднесе имотно-правно барање согласно одредбите од Законот за кривичната постапка.

Согласно членот 96 до Законот за кривичната постапка (“Службен весник на Република Македонија”, бр.15/97, 44/02 и 74/04), имотно-правно барање кое настанало поради извршено кривично дело се расправа во кривична постапка на предлог на овластено лице, но под услов ако се одлучува за ваквото барање, постапката да не биде значително одолговлечена. Имотно-правното барање може да се однесува на надомест на штета, на враќање на предмети или поништување на определена правна работа. Во случај на осигурување, ваквото барање може да се поднесе и спрема осигурително друштво. Предлогот може да се поднесе најдоцна до завршување на главниот претрес пред првостепениот суд. Подносителот на предлогот е должен да го означи своето барање и да приложи докази. Овластените лица можат да се откажат од предлогот и правото да го остваруваат преку спор до завршување на главниот претрес.

Во случај на донесување пресуда со која обвинетиот е огласен за виновен, судот за имотно-правното барање на оштетениот одлучува целосно или делумно, а ако доказите не даваат доволен основ за ваква одлука, судот со пресуда ќе го досуди само основот, при што за износот на барањето или остатокот од тој износ ќе донесе дополнителна пресуда. Во случај на донесување пресуда со која обвинетиот се ослободува од обвинение или се одбива обвинението или со решение се запира постапката или се отфрла обвинителниот акт, судот ќе го упати оштетениот имотно-правното барање да го остварува во спор (член 101).

Кривичниот законик (“Службен весник на Република Македонија”, бр. 37/96, 80/99, 4/02, 43/03 и 19/04), исто така, содржи одредба за заштита на оштетениот. Имено, согласно членот 99, оштетениот кој во кривичната постапка во однос на своето имотно-правно барање е упатен на спор може да бара да се намири од износот на конфискуваната вредност, ако поведе спор во рок од шест месеци од денот на правосилноста на одлуката со која е упатен на спор и ако во рок од три месеци од денот на правосилноста на одлуката со која е утврдено неговото барање побара намирување од конфискуваната вредност. Оштетениот кој не пријавил имотно-правно барање може да бара намирување од конфискуваната вредност ако заради утврдување на своето барање повел спор во рок од три месеци од денот на узнавањето за пресудата со која се конфискува имотната корист, а најдоцна во рок од две години од правосилноста на одлуката за конфискација на имотната корист и ако во рок од три месеци од денот на правосилноста на одлуката со која е утврдено неговото барање, побара намирување од конфискуваната вредност.

Во Законот за кривичната постапка е внесена нова Глава XIX - а, “Заштита на сведоците, на соработниците на правдата и на жртвите”. Имено, јавниот обвинител, истражниот судија или претседателот на советот во текот на постапката преземаат дејствија за обезбедување на ефикасна заштита на сведоците, на соработниците на правдата, на жртвите доколку во постапката се јавуваат како сведоци, кога постои опасност да бидат изложени на заплашување, закана со освета или опасност по животот, здравјето или физичкиот интегритет или е потреба нивна заштита. Заштитата се спроведува на посебен начин на испитување и учествување во постапката. Во овие случаи сведокот се сослушува само во присуство на јавниот обвинител и истражниот судија, односно претседателот на советот и на место што гарантира заштита на неговиот идентитет. Исто така, со согласност на жртвата за нејзино сослушување може да се употребат и други технички средства за комуникација и телекомуникација. Препис од записникот со исказ на сведокот, без негов потпис се доставува до обвинетиот и неговиот бранител кои можат писмено преку судот да поставуваат прашања на сведокот.

Заштитата може да се врши и преку вклучување во Програмата за заштита на сведоци. Барање за вклучување во Програмата се поднесува до Јавниот обвинител на Република Македонија, а го поднесува надлежниот јавен обвинител, истражен судија или претседателот на советот. Доколку постојат околности за вклучување во Програмата, Јавниот обвинител на Република Македонија поднесува предлог до надлежно тело за донесување на одлука за вклучување во Програмата.



Достарыңызбен бөлісу:
1   ...   43   44   45   46   47   48   49   50   51


©netref.ru 2019
әкімшілігінің қараңыз

    Басты бет